top of page
Search
  • memyselfandsare

Марија - Белег на „Сердарот“

Updated: Oct 22, 2021

Покрај Прличевата лавица Неда, која е и заштитник и бранител на чедото, а и нежна доилка која безмерно го сака своето дете, во јуначкиот десетерец на Прличев се издигнува и феноменалниот лик на Марија. Во секој поглед, Прличевата Марија е лирски лик кој веднаш се компарира со погазената жена, или пак, со феминистичката фигура, која прочуената Силвија Плат во своите дела особено ја величи. Во македонскиот литературен опус, Марија, како свршеница на Кузман Капидан, е симбол на немата жена со ускратени права и нагласени рестрикции. Навистина, како што ја зема Прличев својата мајка за модел за изградба на Неда, така ликот на Неда е можеби и прототип за Марија, бидејќи и Марија со нагласената женственост е своевидна критика за патријархалниот пристап кон жената. Јасно е дека низ стиховите на поемата на големиот великан, експресијата на Марија е лимитирана, нејзината внатрешност е потисната, а гласот ѝ е стишан. Прашањата кои токму тука се зацртуваат се: Што тогаш е улогата на жената? Дали жената е живо суштество или кукла на мажот? Дали жената е марионета на патријархалниот систем? На пример, во „Сердарот“ Марија кога ќе дознае за смртта на својот љубен, таа пред нејзиниот сопствен татко не покажува чувства или уникатна мисла. Всушност, принудена е да се заклучи во себе и карактерно да се изолира во својот интимен свет. Секако, како Неда, и Марија ги распушта своите коси, но во својата соба, а не во јавност, бидејќи на оваа жена не ѝ е дозволено јавно да тажи. Пред таткаси Марија пожолтува, додека во својата соба се испревртува и симболички се закопува. Навистина, замолчената жена од културата мора да го помине ритуалот на затвореност во својата соба, а понатаму да одбере една од двете опции, т.е. да се закалуѓери или да се омажи за друг. Марија, секако, се откажува од својот убав лик, како и од опцијата да стане мајка и туѓа жена, па така, евидентно е дека истата е стереотип за верна жена. Секако, критиката која тука се јавува се сведува на прашањето: Што значи да си верен? Слично, се поставува и идејата дека идеалната жена е онаа која што му робува на мажот, па така, со сметнувањето на шамијата, двете големи жени, имено Неда и Марија, го рушат овој несоодветен систем: Расплетувајќи долги коси, врз нив тури пепел: / го презре својот убав лик. / И писна в плач; - „О дни во кои несреќа се лее! / Та тажен ли е живот клет; / од денес полн со болки, низа крвава тој ќе е / од солзи, преполн маки сет. / И само в гроб јас кутрата, за мојта болна душа /ќе најдам сладок балсам“. Емотивната состојба на Марија и влијанието на ваквите рестрикции се опишани во „Сердарот“: „Пред свадбата девојките, затворени ко пилци, / сред мечтите се носат рој./ Нив бог ги гледа. В ѕидот, пак, ко в кафез птички крилца го кршат тие гласот свој.“ Притоа, истиот лик нагласува дека, наместо љубениот да умреше, таа би се закопала себеси: „О, зошто немав сабја јас, та со неа мавтајќи, да летнев како јунак в бој! / И место тебе, стрела албанска пречекувајќи, ко заштитник да паднев твој.“


„Сердарот“, со ликот на Марија, се обидува да ги скрши нормите и веќе-создадените идеали, и, воедно, да запечати, дека жената, како што се пее, е единствен борец кој истовремено може да држи и милува пушка. Во великанската поема Прличев усмртува црно-бели слики со едно романтичарско сплотување на она што е типично машко и женско. Тој оддава критика за родските предрасуди со пристапот кон ликот на Марија, впрочем, со нејзиното ставање во општественото стакленото ѕвоно. Сега, како читатели принудени и поттикнати сме да се запрашаме: Дали воопшто реалноста на 19. век има доживеано некаква промена, или пак, со сета своја целост е застапена и во денешнава сфера на постоење? Токму одговорот на ова прашање е нов поттик за преиспитување на нашите сегашни одлуки и движења како единки, а и како заедници.


За пишувањето на овој краток коментар употребена е дигиталната верзија на „Сердарот“ на Григор Прличев.

2 views0 comments
Post: Blog2_Post
bottom of page