Не се дружам со луѓе… никогаш не сум се дружел.
Живеам сам во соба голема, широка и бела,
во куќа дрвена, но бела, на далечно и тивко место.
Не зборувам со никого, но слушам и жалби и радости, и тајни.
Не знам кого слушам, сам сум.
А и не спијам, просто кревет немам.
И ден и ноќ чекам, но никако да дочекам.
Не знам што чекам… мислам дека чекам човек да дојде.
Сѐ уште не доаѓа, не дошол.
Заборавам и зошто чекам,
ама знам дека чекам, просто место не ме држи.
Белки ќе дојде, а може и нема.
Се надевам дека ќе дојде, само тогаш ќе можам да седнам.
А како ќе седнам кога ни кревет имам, ни стол?
Живеам во празна соба. Бела е таа.
Живеам во место на далечина, џабе чекам, не ќе дојде некој.
Ако дојде, нека седне.
Стол за него има, за мене не.