top of page
Search
  • memyselfandsare

Куќата на човекот - кратка мисла


 

Животот е како куќа на безброј катови... то ест можеби и не е. Животот не е куќа на безброј катови, бидејќи не постојат безброј видови на луѓе. Така, крајот на куќата е врзан со крајот на човекот. Луѓето, ние, буквално може да се собереме на куп во оваа една куќа. Секој кат е исполнет со единствено еден тип на човек. Катовите се издигнуваат, некои почнуваат веќе да го разбрануваат ведрото небо. Сега, катовите се поделени по модел на човекот. Некои катови изобилуваат со лоши, добри луѓе, алчни, подмолни, лицемерни, од друга страна, некои со алтруистични, хумористични, дружељубиви. Сите се собрани како зеленчук во манџа на едно место. Интересно е што нема предодредена шема, редослед, повторување, секвенца или распоред во оваа огромна куќа. Катовите се најразлично и најшарено подредени, и секое скалило води кон една непозната средина. За некој па дури и ова е нелогично, бидејќи нема некоја заедничка жичка која ги ниже катовите. Што ако токму во овој миг одлучам да кажам дека споменатото е само една развиена метафора, која само бистриот ум успеа да ја прочита. Што ако напишаното е споредба за животот, човекот како единка и постоењето. Сега, куќата е животната подлога, што би се рекло, земјата, тлото, заемниот простор на човекот. Сите разлики, индивидуалности и уникатности, како привлечени од некои невидливи сили, се спојуваат на земјата. Во оваа куќа се создава едно, впрочем, се гради човекот. Во суштина, во една обична куќа, која е микро-скала, прво за општеството, па за општото постоење, секој не секогаш се сложува со секого. Секој член не ужива во истите нешта, или, пак, појадува во истите утрински часови. Да, можеби понекогаш и братот и сестрата се радуваат на истите игри, но друг пат се втурнуваат во двобој на несогласување. Така, иако постојат низа различности, секако, во случај и сличности, домот е простор каде живеат и братот и сестрата. Куќата е дом на сите катови, на сите луѓе, на сите особини. Несомнено е дека во земскиот живот, човек се среќава со свои спротивници, но и со ближни отслики и огледала. Човек мора да се соочи, па да живее со обете, а, секако, ова соочување се спроведува на трпезариската маса од големиот дом. Токму тамо се соочува и соединува човекот. Во подлабока смисла, може да се заклучи дека трпезариската маса е симбол за врежаната човечка борба за храна, секако, само на прв поглед. На втор, таа е ознака за борбата за постоење, за преживување, за достигнување, истакнување, доживување, изучување, итн. Така, човекот, со сите свои димензии живее на земјата, во својот дом со другиот. На крај, човекот со другиот се соединува на трпезариската маса, а со тоа ја осветлува идејата која нѐ носи до финалната точка. Не постојат луѓе, туку само еден човек кој е осветлен со различни светла и е поставен на различен кат од оваа голема куќа.



1 view0 comments
Post: Blog2_Post
bottom of page